• сабота, 06 декември 2025

Герасимовски се приклучи на хуманитарната акција и ја потпиша Општинската декларација за поддршка на волонтерството 

Герасимовски се приклучи на хуманитарната акција и ја потпиша Општинската декларација за поддршка на волонтерството 

Скопје, 5 декември 2025 (МИА) - По повод Светскиот ден на волонтерството – 5 Декември, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, се приклучи на хуманитарната акција во просториите на Општинската организација на Црвениот крст – Центар, во ДХО „Даре Џамбаз“, каде што волонтерите подготвуваа пакети со храна за социјално загрозени семејства.

Градоначалникот, соопшти општинската прес-служа, даде поддршка на активностите посветени на грижата за ранливите категории граѓани, истакнувајќи ја клучната улога на волонтерите во градењето на одговорно, солидарно и хумано општество.

- Ги повикувам сите граѓани да се приклучат на волонтерските иницијативи. Секој придонес е добредојден и значи многу за оние на кои им е потребна помош и грижа. Волонтирањето носи позитивни промени, не само во заедницата, туку и на индивидуално ниво. Преку ваквите несебични активности не само што помагаме на другите, туку и самите се градиме како хумани и емпатични личности, истакна Герасимовски.

Во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на волонтерството, Општина Центар ја усвои и Општинската декларација за поддршка на волонтерството, со која се реафирмира значењето на волонтерскиот труд, човечката солидарност и граѓанската одговорност.

Со декларацијата се утврдуваат заложбите на општината за промовирање на волонтерството, зајакнување на соработката со хуманитарните организации, создавање услови за поттикнување на младите и повозрасните кон волонтерски активности, како и јавно признание на придонесот на волонтерите во заедницата.

- Општина Центар континуирано организира хуманитарни акции, донации и настани, меѓу кои и традиционалните хуманитарни базари во кои активно волонтираат младите и пензионерите. Овие локални иницијативи имаат за цел поддршка на социјално загрозени семејства и поединци и поттикнување на солидарноста во заедницата, се вели во соопштението. лв/вг/

фото: Општина Центар 

Остани поврзан